СРЕДА СО ДАРКО РАДУЛОВИЌ

Денешната рубрика “Среда со…” ја посветуваме на тренерот на сениорите Дарко Радуловиќ. 

  1. Шеснаесет години мина низ кошаркарските терени во РМ во дресот на Куманово, Фени Индустри, Вардар, МЗТ Скопје Аеродром, Никол Ферт и во Вардар Осигурување, а потоа одлучи комплетно да направиш транзиција во тренерските води. Што те инспирира да го преземеш тој чекор?

Очигледно е дека мојата животна одредба и љубов е кошарката. Во моите неколку последни години како играч, почнав да размислувам во две насоки, како играч и од другиот агол, тренерски. Посебна инспирација не требаше, едноставно кошарката е дел од мене, а долгогодишното искуство во оваа динамична игра и соработката со голем број тренери низ кариерата ми беа од голема помош на самиот почеток.

  1. Тренерската кариера исклучиво ја обавуваш во Вардар, каква е атмосферата во тимот, во што се состојат твоите обврски и колку слобода имаш да ги обавуваш истите?  

Вардар е клубот каде ја завршив играчката кариера и инстантно транзитирав во тренерскиот погон…  Сениорската екипа на Вардар е составена од млади играчи кои преку напорна работа треба да го остваруваат својот потенцијал. За некои од нив сум можеби престрог, но тоа е основ за атмосферата во клубот секогаш да биде на фантастично ниво. Покрај стандардните обврски околу стратегијата и тактичките решенија на теренот, во оваа категорија спаѓаат и кадровските решенија или промени во ростерот, секако во договор со управата.

  1. Накратко опиши го искуството како прв тренер во тим кој се натпреварува во ПЛМ.

Стресно, забавно, истоштувачко, енергично… Вистински ролеркоустер. Голема чест е да се натпреварувам со останатите клубови и тренерски имиња во земјава. Откако сум на оваа функција, чувствувам поголем замор, но во исто време и наоѓам екстра енергија да го спроведам она што го имам замислено, на тренинзите и на натпреварите. Секогаш со добронамерни совети тука се Бранко Андриевски и Дарко Крстиќ, со цел да ми помогнат во полесно исполнување на целта, а по натпреварите сопругата ми помага во полесно пребродување на психолошкиот набој.

  1. Соработуваш и со Специјалната Олимпијада како кошаркарски тренер. Колку и на кој начин ги имплементираш искуствата од СОМ во работата со клубот?

СОМ е специјална приказна за мене. Искуствата од работата во СОМ се од непроценлива вредност, пред се околу градењето на свсеста и отфрлањето на предрасудите. Сите сме луѓе и сите сме исти.

  1. Две години беше асистент, а оваа година го презема кормилото на националниот тим до 20 години во машка конкуренција. Колку е поразлично да се води национален тим од клуб?

Обврската да се води национална селекција е огромна одговорност бидејќи тука се претставува државата. Подготовките од друга страна пак, се многу пократки и треба да бидат исклучително квалитетно програмирани за да го максимизираат ефектот врз играчите. Кога водите репрезентација, цела нација навива за вас, има очекувања, затоа мотивот треба секогаш да биде на највисоко ниво.

  1. Што е полесно – да се биде тренер или да се биде играч и зошто?

Од оваа перспектива би рекол полесно е да си играч, но како играч не мислев така. Секоја перспектива си има свој аргументи зошто е полесно или потешко да се биде на едната, односно на другата страна. Во едно сум сигурен, како играч може директно да се влијае на играта, а како тренер не. Па сега вие проценете…