Освоени титули

НАЈГОЛЕМИОТ УСПЕХ НА КК ВАРДАР – ОСВОЕНИОТ КУП НА МАКЕДОНИЈА ВО 2007 ГОДИНА

Дојде и тој ден – Вардар го крена Купот на Македонија
На патот до историскиот успех на фај­нал­ејт турнирот во Битола најпрвин ги совладавме Фени индустри и Работнички, за во големото финале да славиме над Струмица со 73-66.
Чекањето заврши, а по неколку години разочарувања во финалните натпревари – Вардар на 15 април 2007 година се закити со трофеј, оној од Купот на Македонија. Марјан Лазовски беше стратегот кој ќе остане запишан во историјата како првиот што им донел трофеј на „црвено-црните“, кои во тоа време настапуваа под називот Вардар осигурување.
„Во тие години бевме толку блиску до трофеите, но ни бегаа низ прсти, па решивме да доведеме неколку квалитетни засилувања за да го направиме тој последен чекор. Го доведовме Перо Блажевски, кој дојде во нашите редови откако играше од Косово, а исто така се засиливме и со Горан Самарџиев, кој имаше тешка повреда поради која во Работнички не сметаа на него. Јас знаев дека е повреден, но и дека така квалитетен играч ќе ни биде добредојден во вториот дел од сезоната, се случи токму тоа и овие двајца играчи ни беа од огромна помош при освојувањето на трофејот “ – се присетува тренерот Лазовски.
Еден од клучните трансфери сигурно беше оној на Карлос Морбан од Фени индустри во Вардар.

Битола беше градот каде го остваривме најголемиот успех во клупската историја, триумфирајќи на фајналејт турнирот на кој совладавме навистина силни екипи. Во четвртфиналето за противник го имавме Фени индустри, кој премногу лесно и убедливо го совладавме со 90-58. Во полуфиналето налетавме на Работнички, големиот ривал што по тешка битка успеавме да го победиме со 81-71. Тоа беше меч во кој извонреден беше Карлос Морбан со 24 поени, Хаџибулиќ постигна 18, а центарот Кире Павловски 16 поени за „црвено-црните“, кои заслужено се најдоа во финалето.

А таму  во битката за трофејот, што се водеше на 15 април 2007 година ги чекаше Струмица, незгодниот ривал предводен од темпераментниот тренер Кукулекидис, кој на крајот се покажа и како лош губитник.

Вардар беше фаворит во ова финале, но на почетокот не се снајде најдобро во оваа улога. Во првата четвртина нашиот тим постигна само шест поени (четири Самарџиев и два Павлоски) и губеше со 6-14. Карлос Морбан постигна 14 поени во втората четвртина и експресно стигнавме до израмнување на 28-28, за потоа повторно да следи кризен период во третата четвртина во која Вардар постигна скромни девет поени, а струмичани го контролираа резултатот и водството кое се движеше меѓу седум и девет поени. Во 29. Минута резултатот гласеше 33-44 за Струмица, но „вардарци“ не ни помислуваа да се откажат.

„Шутот воопшто не ни функционираше, промашуваа од далечина и Самарџиев и Морбан и Ха­џи­бу­лиќ, од десет обиди за тројка во првото полувреме имавме само еден погоден шут. Без оглед на тоа, им порачав да не се плашат, бидејќи бев убеден дека ќе почнеме да погодуваме во серија“ – вели Лазовски.

И се случи токму тоа, во последните десет минути „вардарци“ одиграа фуриозно во следните седум минути. Самарџиев погоди две тројки, на него се надоврза и Хаџибулиќ, потоа следеше кош и фаул од Блажевски, па тројка на Блажевски… струмичани беа целосно разбиени, а резултатот во 36. минута гласеше „плус десет“ за нашиот клуб. Противникот се приближи на „минус пет“, а потоа при резултат 69-64 Грнчаров промаши две слободни фрлања за Струмица, по што Блажевски беше прецизен од линијата за слободни фрлања и славјето можеше да почне.
На крајот, финалето заврши со конечни 73-66, а како куриозитет останува запишано дека Вардар само во последната четвртина постигна 36 поени, само еден помалку од вкупниот број на поени на „црвено-црните“ во првите триесет минути игра од ова финале.
Противниците се обидоа да остават дамка врз нашиот заслужен успех не појавувајќи се на церемонијата на доделување на медалите, но за тоа добија ригорозни казни од страна на федерацијата.
Историјата ги памети само победниците, а таа вели дека Вар­дар го освои Купот на Македонија во кошарка во 2007 го­дина, успех кој се уште е најголем за нашата сениорска машка екипа од формирањето на клубот.

Мирослав Котевски:

Титула на брендот Вардар

Во периодот на најголемиот клупски успех претседател на КК Вардар беше Мирослав Котевски, кој не го криеше воодушевувањето по големиот триумф во Битола.
„Сите играчи и тренерот се заслужни за ова. Са­кам титулата да му ја посветам на Вардар како бренд, како име, име што се поставува на спортската сцена во Македонија. Сакам да им се заблагодарам на сите кои веруваа докрај де­ка ќе победиме, особено на спонзорите“ – гла­се­ше првата изјава на тогашниот претседател Ко­тевски по историската победа над струмичани.

Откако во голем стил стигнаа до куп-трофејот, нашите кошаркари заслужено ги собраа и индивидуалните признанија на фајналејт турнирот што се играше во Битола.

Карлос Морбан беше најдобар стрелец на овој турнир со вкупно 65 по­стигнати погодоци, одличниот плејмејкер згора на тоа го доби и признанието за најкорисен играч на завршниот турнир, додека наградата за најдобар дефанзивец заврши во рацете на уште еден „вардарец“ – Марјан Ѓуров.

ИГРАЧИТЕ КОИ ИСПИШАА ИСТОРИЈА:

Енес Хаџибулиќ

Горан Ѓоргиевски

Карлос Морбан

Филип Кралевски

Кирил Павловски

Филип Конзулов

Марјан Ѓуров

Перо Блажевски

Горан Самарџиев

Тренер: Марјан Лазовски

Помошен тренер: Борис Нешовиќ

ЖКК Вардар – куп на Македонија 2017

Куп-пехарот стана црвено-црн во Кавадарци

19 февруари 2017 е датум кој исто така со златни букви ќе биде испишан во историјата на КК Вардар. По долгогодишна пауза женскиот клуб на КК Вардар повторно се активираше во 2016 година, а камбекот не можеше да биде подобар – веќе во првата сезона „црвено-црните“ се закитија и со значаен трофеј – оној од Купот на Македонија за сезоната 2016/2017. Бадел можеби важеше за велесила на домашната сцена, но тоа беше случај сè до камбекот на голема врата на „вардарки“, кои во финалето што се одигра во салата „Јасмин“ во Ка­вадарци триумфираа над градскиот ривал со 69-65.

Финалето изобилуваше со неизвесност, двете екипи се менуваа во водство, а успехот на нашиот тим е уште поголем ако се знае дека во завршницата игравме без Едина Муса, но сепак успеавме да се закитиме со трофејот. Згора на тоа, на завршниот турнир во Кавадарци не можевме да сметаме ниту на Делисиа Шарп, центарот од САД, кој поради повреда не можеше да му се стави на располагање на тренерот Андриевски.

Финалната пресметка стартуваше во знакот на нашиот тим, па со тројката на Муса набрзина победовме со 12-3. Првата четвртина ја завршивме со предност од 24-22, за на одмор да заминеме со 42-37, но јасно беше дека „баделки“ нема лесно да се откажат од трофејот што го освојуваа во претходните три години. Противникот одигра нешто подобро во третата четвртина, во последниот период се играше израмнето, а на шест и пол минути до крајот проблемите станаа многу сериозни по петтата лична грешка на Муса.

Сепак, Вардар е најсилен кога е најважно, тоа се покажа и во ова финале кога во ситуација кога го немавме капитенот на теренот, сепак најдовме сили за голема победа против бранителот на трофејот. Пресудна беше одбраната во клучните моменти, откако во последните две минути не му дозволивме на Бадел да постигне ниту еден единствен поен, па на крајот заслужено славевме со 69-65 за испишување на клупска историја – прв куп-трофеј за женскиот клуб на Вардар.

Едина Муса се закити со признанието МВП на завршниот турнир, апсолутно заслужено откако во финалето оствари дабл-дабл од 23.

2018 ВАРДАРКИ ГО ОСВОИЈА ТРОФЕЈОТ ОД КУПОТ!

Трофејот од Купот и оваа година останува во витрините на Вардар. Кошаркарките во црно-црвениот дрес, во реприза од минатогодишното куп-финале повторно ги совладаа противничките од Бадел 1862 и го освоија Купот на Република Македонија. 

Избраничките на Срѓан Дамјановски беа мотивирани од самиот почеток, да им вратат на баделки за двата пораза во домашното првенство. Разликата во инспирацијата на актерките на теренот беше очигледна од самиот почеток земајќи го предвид фактот дека додека вардарки реализираа осум поени, на кошаркарките на Перо Стамески не им одеше реализацијата од рака. Повика тренерот на Бадел 1862 тајмаут, ги построи своите кошаркарки кои започнаа да ги завршуваат акциите со реализација, но не беа доволно брзи и ефикасни за да ја намалат разликата која веќе стана двоцифрена. На почетокот на вториот дел од натпреврот актуелниот шампион во домашното првенство намали на само седум поени негатива, за да брзо потоа повторно започне да каска. Вардарки одново ја зголемија позитивата со која си ја загарантираа победата уште пред да започне последниот период.

Во финишот, Вардар славеше со 50-72 (10-23, 16-13, 13-17, 11-19)