Управата на KK Вардар уште од самиот почеток на постоењето на овој клуб става акцент и на работата со женската екипа. По формирањето на машката екипа, во 1947 година е формирана и женската екипа на КК Вардар која во суштина е и единствениот македонски женски кошаркарски колектив се до 1956 година кога се појавува ЖКК Работнички.
Во периодот од 1948 година до 1955 година, „вардарки“ се шампиони на Македонија осум години едноподруго. Факт е дека во периодот од 1950 до 1955 иако клубот функционира, сепак натпревари нема затоа што освен Вардар ниту една друга женска екипа не се пријавува за домашниот шампионат. Во 1956 и во 1957 година шампион на Македонија во женска конкуренција е Работнички, за потоа во следните четири години од 1958 до 1961 година повторно приматот да го преземе ЖКК Вардар.
Уште од првите години во дресот на Вардар се појавуваат кошаркарки што потоа доминираат на републичките првенства, како што тоа беше случај со Беба Глигорова, Анѓа Милосављева, Наташа Сенкиевиќ, Љубица Несторова, Наташа Шошкиќ, Здравева, Костова, Мишченко…
Вардар е првиот македонски клуб кој од самите почетоци на своето формирање се натпреварува и во најсилната лига на поранешна СФРЈ, уште од својата прва сезона во 1948 година. „Вардарки“ се натпреваруваат три сезони во Првата лига на СФРЈ (1948, 1949 и 1950), чин кој е од огромно значење за македонската женска кошарка, и покрај постигнатите скромни резултати.
По 1950 година, екипата се одлучува во следните десет години да се повлече од сојузното натпреварување како повеќе би се концентрирала на поставувањето темели за младинската школа, за повторно се врати во Првата сојузна лига на СФРЈ во 1960 година. Се натпреварува во следните три сезони во најсилната лига на СФРЈ, сепак не успевајќи да запише ниту една победа од вкупно 20 одиграни натпревари во трите сезони.
Тренер и на женскиот тим во овој период е Страшо Ромевски, а во играчкиот кадар се наоѓаат Ники Вучидолова, Ленче Аневска, Тања Сурлезанска, Нада Настева…
Во сезоната 1964/65 година комплетно надмоќно го освојува првенството на Македонија со десет победи од исто толку натпревари, и кош разлика од 342-74.
Од 1964 година на тимот се приклучува и Тања Тупурковска, која цели дваесет години потоа ги брани боите на Вардар.
Во овој период, од 1965 до 1975 година, ЖКК Вардар е неприкосновен шампион на Македонија, иако во годините од 1967 до 1972 титулата ја добива на зелена маса, затоа што ниту еден македонски клуб не прифаќа да игра со Вардар поради неговата надмоќ.
Со почетоците на Тупурковска првите кошаркарски чекори ги прави и Лиле Фрчковска, која целата своја кариера ја минува во Вардар…
Една од кошаркарките кои остави силна трага во периодот во кој настапуваше (од 1964 до 1976 година) беше и Верче Серафимовска, која извесно време беше и капитен на нашата екипа, во генерацијата во која покрај Тупурковска и Фрчковска настапуваа и Дејановиќ, Угрин, Димитриевиќ…
Девојките на Вардар во неколку наврати, и во периодот по 1975 година беа многу блиску до освојување на трофејот, но како посебно интересна во домашните кошаркарски кругови секогаш се издвојува битката во сезоната 1980/81. Тогаш Вардар делуваше доминантно од стартот на сезоната, почнувајќи со скор од 10-0, но во Пелистер имаше сериозен ривал за титулата. Како кобен се покажа поразот во Велес од 66-55, по што „пелистерки“ ја престигнаа нашата екипа на табелата и стигнаа до титулата.
„Сè уште ја помнам таа сезона и искрено жалам што не станавме шампионки бидејќи останатите средби воглавно ги добивавме со над 20 поени разлика, но потоа следеше тој несреќен пораз во Велес. Тоа беше генерација на одлични кошаркарки, која за жал по таа сезона се растури“ – истакнува Беба Кувенџиева (сега Јоловиќ).
По таа сезона доаѓа и до значаен пад на квалитетот, откако дел од кошаркарките ја завршија кариерата, а дел заминаа во други клубови. Во сезоните што следат Вардар од година во година имаше се послаб пласман на табелата, за на крајот во 1985 година женската екипа на „црвено-црните“ да престане да се натпреварува.
Во периодот кога Вардар го немаше на мапата на женската кошарка во Македонија некои други клубови почнаа сопствена доминација, што беше само мотив повеќе за камбек на „црвено-црните“.
Раководството донесе одлука за повторно „оживување“ на женската екипа токму во годинава кога се прославува 70-от роденден на нашиот клуб, а дека тоа беше вистински потег се докажа веќе по неполна година, кога стигнавме до првиот трофеј во Купот на Македонија.
„На големиот јубилеј, 70 години од постоењето на КК Вардар, решивме да го реактивираме и женскиот кошаркарски тим. Доведовме неколку квалитетни кошаркарки, пред се Едина Муса, Драгана Јоловиќ, Симона Деловска, Емилија Лазарова, Христина Јаневска, кои ионака во срцето ги носат „црвено-црните“ бои како наследни гени. Оформивме одличен тим, и успеавме да го освоиме Купот на Македонија. Прекрасен подарок за големиот јубилеј на клубот. И се надеваме дека успешната приказна ќе трае, планираме да продолжиме најмалку со исто темпо и во наредниот период“ – вели Бране Андриевски, тренерот на женскиот тим на КК Вардар, кој успеа да се закити со златното одличје во Купот на Македонија во сезоната 2017.