Согласно претходната фузија, од двете спортски друштва „Победа“ и „Македонија“ се одбираат најдобрите кошаркари околу кои се креира новиот тим, и веќе по само еден месец Вардар заминува во Битола каде на 30. и 31. август 1947 година се одржува Второто републичко кошаркарско првенство на Македонија. Тоа е всушност и првото појавување на „вардарци“ на едно официјално натпреварување. Така, Вардар во голем стил по само еден месец постоење стигнува до првиот трофеј – републички шампион на Македонија. КК Вардар ја запишува првата шампионска ѕвездичка во Македонија!
Пресудно за освојувањето на втората вардарова ѕвезда, е новата генерација која се создава во периодот 1953, а предводена од Владимир Воиновски, Етем Омерагиќ, Ото Ташковски, Владимир Петровски – Бато, Војче Синадиновски… Генерација која остава силна трага во тој период во македонската кошарка.
Дел од втората генерација вардарови кошаркари која стигна до титулата во Македонија, е и актуелниот прв човек на клубот и најзаслужен што и по 70 години Вардар опстојува цврсто на домашната кошаркарска сцена, Владимир Воиновски…
„Јас сум во Вардар од 1952 година, од самите негови почетоци, најпрво како кошаркар од моја најрана возраст, па потоа и како дел од раководството и финансиер. Вардар слави 70 години од своето постоење, а јас се гордеам ете што цели 65 години ја делам историјата со овој клуб кој ми е во срцето“ – вели Воиновски, потсетувајќи се на првите свои кошаркарски денови меѓу „црвено-црните“…
Третата вардарова ѕвезда доаѓа во 1969 година. Клучен играч во тие вардарови генерации е Тихо Матевски, воден под капата на Страшо Ромевски кој доаѓа како тренер на клубот. И, токму под водство на Ромевски, откако претходно две сезони се настапува во Втората сојузна лига на СФРЈ, следи освојувањето на третата републичка титула за клубот во 1969 година. Во конкуренција на десет екипи во првенството, Вардар ја освојува титулата – републички првак пред екипите на Младост и Работник.
По три квалитетни сезони, во 1981 година доаѓа и четвртата републичка титула за Вардар. „Црвено-црните“ комплетно доминираат во сезоната 1980/81 оставајќи зад себе ривали како Струмица, Астибо, Пелистер… Тренерот Тихо Матевски тогаш креира одличен тим предводен од Дане Стојковски, кој е на залезот од кариерата, а дополнет со генерацијата на Прентовиќ, Муса, Петровски, Лазовски, Милосављевиќ, Мојански…
Во сезона 1989/90 Вардар доминантно го завршува регуларниот дел од сезоната со 25 победи од 26 натпревари. За првпат се воведува и плејофот за републичката титула, па Вардар во финалето три победи против 11 Октомври, една во Прилеп и две во Скопје, само уште еднаш потврдувајќи ја својата надмоќ.А токму таа титула од 1990 година го носи потоа за Вардар и најголемиот успех во дотогашната историја за клубот, место во Првата Б лига – Исток во поранешна Југославија. Во сезоната 1990/1991 Македонија има три претставници во Првата Б лига на СФРЈ, покрај Вардар и Работнички и МЗТ Скопје. А, лигата ја освојува Работнички.
„Тоа е таа последна сезона од учество во натпреварувањата во поранешната заедничка држава. Таа Прва Б лига беше навистина исклучително силна, со моќни екипи и бројни врвни кошаркари. А, Вардар и тоа како успешно парираше на сите. Потоа следи распадот на Југославија и целосен колапс на кошаркарските натпреварувања во заедничката држава“ – дополнува Матевски.
Вардар во следната сезона ќе биде за последен пат дел од републичкиот шампионат, по што стартува нова етапа во историјата на клубот – кошаркарското битисување во независна Македонија!