Сопствена сала

Клуб кој нема сопствена сала – не е клуб!

Потсетувајќи се на сите терени каде настапуваат во својата историја како домаќини, почнувајќи нај­прво од земјените игралишта во градскиот парк во Скопје па сè до својата сала која ја имаат денес, претседателот на КК Вардар, Владимир Воиновски ќе рече:

„Кога е кошарката во прашање, за мене засекогаш основна ќе биде девизата – Клуб кој нема сопствена сала, не е клуб!“

Затоа и КК Вардар, токму преку ангажманот на актуелното раководство, од 2007 за првпат во историјата добива своја сопствената сала во рамките на спортско рекреативниот центар „Кале“ во Скопје.

Вардар од 2007 година конечно добива своја сала

Конечно со свој дом!

Токму тој момент, во 2007 година е пресуден КК Вардар воден од актуелното раководство со Воиновски и Гапиќ, и нивните компании, конечно да добие свој дом.

„Како претседател на клубот, силно ставив до знаење дека КК Вардар мора да добие своја сала… Па, по долги преговори со Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на РМ, конечно во 2008 година склучивме договор КК Вардар да ја добие под 30 години закуп салата во СЦ ‘Кале’… Од тој момент решивме Вардар да добие свој вистински дом. Ние сакавме и големата сала да ја добиеме заеднички, па сè да биде во склоп на Спортско друштво Вардар, но не се случи тоа. Ја добивме малата сала и мојата компанија заедно со компанија на Зоран Гапиќ и нашите партнери вложивме повеќе од 300.000 евра за реконструкција и доизградба на салата која денес ја имаме. Во моментот кога ја добивме од Јавното претпријатие, тоа не беше сала туку штала. Со руиниран паркет, без трибини, уништени службени простории и соблекувални… Но, цврсто бевме решени да создадеме идеални услови за работа на нашиот клуб и сите негови најмлади категории. И, сега, од оваа дистанца може да кажам, од 2008 година од кога ја направивме салата, Вардар постојано е младински шампион на Македонија… Тоа е нашата гордост. Младите категории кошаркари кои ги оставаме за Македонија и македонскиот спорт!“ – вели Владимир Воиновски.

Во својата сала во СЦ „Кале“, Вардар денес, на 70-годишнината од своето постоење ја прослави и титулата во женскиот Куп на Македонија!

Во својот дом, салата на КК Вардар – Воиновски, Гапиќ и Саздов се имиња судбински врзани со црвено-црните бои