СРЕДА СО АЛЕКСАНДАР ЈОВАНЧЕВ

Александар Јованчев е дел од тимот на ВАРДАР веќе три години и е на кормилото на селекциите М16 и М18. Изминатата сезона беше дефинитивно негова сезона, во која беше избран за “Најдобар тренер за 2018 година на машка екипа (младински лиги)” и неизмерниот успех со репрезентацијата до 16 години која ја однесе во А Дивизија.

  1. Релативно млад ја започна тренерската кариера, која е главната причина за тој чекор во кариерата?

Поголем период се обидував да се пронајдам себеси па неколку години играв и напоредно работев како тренер асистент со млади категории.Отсекогаш сакав да играм на повисоко ниво и тие што добро ме познаваат знаат колку напорно работев за да го постигнам тоа.. Но, од некои причини тоа не се случи…Сепак љубовта и жртвите кои што ги правите додека сте тинејџер за да играте се преголеми за туку така да се тргнете од овој спорт. Останав таму каде што се чуствувам најубаво со цел да им помогнам на младите играчи во остварување на своите соништа.

На почетокот повеќе аматерски, но од мојата 24 година односно веќе седум години професионално се занимавам со тренерската професија.

 

  1. Поголемиот дел од искуството го имаш стекнато со работа во помлади категории. Колку е предизвик за тебе да ги инспирираш најмладите да започнат да се занимаваат со овој спорт?

Секое дете плус  во сала е едно дете минус на “улица” со што на еден млад живот сме му дале правилна насока. Ефектите од спортот  кај најмладите не се само здравствени, во процесот на тренирање и натпреварување се сретнуваат со дисциплина, социјализација, почитување, убави и тажни моменти со тешки и лесни задачи што понатака во животот би требало да им помогнат.Тоа за мене е важен предизвик…

  1. Искуството во работата со млади категории резултира со еден од подобрите резултати во историјата на македонската кошарка во последните неколку години на репрезентативно ниво, а тоа е обезбедување на пласман во А дивизија во кадетска конкуренција. Какво е чувството да си главниот виновник за тоа? 

Самото предводење на национален состав кој ја претставува државата од каде потекнувате е посебно чуство. Кога на тоа ќе го додадете и успехот односно пласманот во А дивизија по долга пауза секако дека чуството е убаво речиси неописливо. Мило ми е што оставивме еден убав белег и барем малку придонесовме за доброто на кошарката во Македонија.

  1. Би водел ли во иднина повторно некој национален состав?

Секако, иако ако навистина се вложите тоа знае да биде тежок и макотрпен процес кој одзема многу енергија.

  1. Кога би можел да одбереш и да потенцираш три клучни моменти за тој успех кои би биле?

Не би можел да одберам само три зошто ако до спортските успеси беа потребни три работи секој ќе можеше да ги научи и да работи. Ако треба да потенцирам неколку тоа се сигурно дисциплината, напорната работа и правилен селективен процес (кошаркарски и карактерен).

  1. Колку од работата со репрезентацијата пренасочи во клупските обврски со КК Вардар?

За мене обврските во КК Вардар и Репрезентацијата во изминатите две и пол години беа тесно поврзани, работев со истата возраст и истата генерација на двата “терена”. Пренесов доста иако клупското натпреварување е многу различно од репрезентативното.

  1. Оваа сезона е трета за тебе покрај аут линијата на тимовите на КК Вардар. Кои се твоите планови за иднина? 

Сега за сега се чуствувам одлично во Вардар. Сеуште имам простор за напредок и се додека е така ќе останам тука.Имам некои зацртани цели (желби) за во иднина, но за тоа ќе треба да се поклопат доста работи.

  1. Се гледаш ли себе можеби како тренер на сениорски состав?

Јас сум еден од оние тренери кој сака да ги помине сите фази од процесот на едукација на професионалните кошаркари. Започнав со најмладите, сега работам со кадетите и јуниорите, а сениорската кошарка е поинаква  и кога ќе се чуствувам сподготвен сигурно дека ќе се обидам да работам и предводам сениорски состав.