СРЕДА СО ЖАКЛИНА СТОЈАНОВСКА
Оваа среда ја посветуваме на тренерот на сениорките, Жаклина Стојановска.
Што те инспирира како личност да започнеш да се бавиш со кошарка?
– Бев многу темпераментно дете кое постојано си играше надвор со топката. Најголема инспирација ми беше Дражен Петровиќ и неговата игра, кој според мене е нешто вонсериско и отвори нова димензија во кошарката. Откако забележав колку неговата игра и техника се разликуваат од сите други кошаркари ми беше предизвик да ги совладам сите елементи кој тој ги прикажуваше.
По неколку години играње во Македонија замина во Германија. Што те натера на таков чекор? Љубопитноста за поинаква околина и систем на натпреварување или пак повеќе не се гледаше себе во клуб од македонско првенство?
– Ми беше огромен предизвик да настапам во друга држава, и да играм во клубот Leipzig Eagles. Тие имаат сосема поинаков систем на работа и различен менталитет. Имав можност да увидам дека професионалноста нема сентименталност, секој играч мора да е во врвна форма, нема простор за импровизација туку се се сведува на однапред поставени цели. Зад клубот стои тим од стручни лица во повеќе области кој му овозможува на тимот одлични услови за квалитетен тренажен процес и натпревари.
Член беше и на македонската репрезентација, дали можеш да опишеш некој интересен момент во националниот дрес?
– Да, имам настапнувано во сите селекции во националниот дрес. Би издвоила момент кога настапував за кадетската репрезентација на предквалификации во Габрово, игравме со репрезентацијата на Израел, на тој натпревар многу тешко играв, што би се рекло со кошаркарски жаргон “не можев да се спојам” а бев носител на играта во таа репрезентација под водство на Светозар Костовски,во текот на цел натпревар резултатот беше егал, на самиот крај од натпреварот при водство на Израел од еден поен, а останати 6-7 сек за напад на нашата репрезентација тренерот исцрта акција да заврши Анета Јовановска која на тој натпревар имаше одлична игра,меѓутоа после шутот на Анета која не реализираше топката се одби кај мене на некои 7-8 метри од кошот, ништо не ми преостана освен да упатам шут према кошот, и се случи табла кош од таа дистанца кој ни донесе победа со Израел. И покрај мојата лоша игра, се оправдав со последниот шут. ( Поука за сите млади кошаркари, не се откажувај до звукот на сирената) се смее…
На десетгодишната професионална кариера како кошаркарка одлучи да и ставиш крај и да се впуштиш во нова професија, но во ист домен – да станеш тренер по кошарка. Зошто се одлучи на таков чекор и како влијаеше на тебе промената?
– на 32-годишна возраст заклучив дека треба да се повлечам од кошарката како професионален играч, и да оставам простор за млади и талентирани играчи, а јас да пробам да се реализирам на друго поле, како тренер. Кошарката отсекогаш ми била огромна љубов и знаев дека треба да продолжам со тоа, и своето искуство да го пренесам на идните генерации.
Се уште ме исполнува оваа работа како тренер, и среќна сум што гледам дека имаме голем потенцијал, но секогаш тоа бара многу работа, посветеност и трпение.
Во изминатите девет години си била тренер и на сениорски тим, но и на млади кошаркарки. Со која возрасна категорија е потешко односно полесно да се соработува?
– Во кариерата како тренер имам работено со школа за кошарка, пионерки, кадетки, јуниорки и сениорки. Јас сум човек кој што е перфекционист и бара многу голема посветеност и дисциплина од страна на кошаркарките. Очекувам да се даде и повеќе од максимум на секој тренинг и натпревар. Оние кои тренирале со мене знаат колку сум принципиелна и дека сакам секоја од нив да го остави срцето на терен. Дефинитивно помалите кошаркарки бараат повеќе енергија бидејќи сакам правилно да ги научат основите на кошарката за понатаму напредуваат се повеќе и повеќе, и да се реализираат во нивната кариера, додека повозрасните играчи бараат уште поголема посветеност поради тоа што се игра на повисоко ниво. Многу поголема улога играат тактиката, физичката и психолошката подготвеност.
Колку е поразлично да бидеш на теренот како играч и покрај аут-линијата да делиш совети?
– Притисокот е дефинитивно поголем во улогата на тренер бидејќи како играч веќе ти се дадени насоките по кои треба да движиш, и ти треба да го покажеш тоа на терен најдобро што можеш. А како тренер, треба да делуваш на секој играч посебно бидејќи сите се различни со различни перформанси и треба да го извадиш најдоброто од секој поединец.