СРЕДА СО СТЕФАН ЈОВАНОВСКИ

Стефан Јовановски е роден 2002 година и е дел од селекцијата на ВАРДАР до 18 години.

  1. Првото среќавање со кошарката?

Почнав со кошарката сосема случајно, по иницијатива на еден мој школски другар. Пред тоа омилен спорт ми беше фудбалот. На првите тренинзи сфатив дека кошарката е убав спорт, но јас бев најслаб меѓу моите другарчиња. Не сакав да се откажам, решив да тренирам, вредно и упорно. Имав среќа да имам одличен тренер Љупчо Илчевски, со кој што успеав да ги совладам основните кошаркарски вештини.

  1. Првото среќавање со КК Вардар и зошто токму КК Вардар?

Во првите две натпреварувачки сезони, имав голема среќа за свои соиграчи да ги имам Мирковски и Савичевиќ, моите најдобри другари од кошарката. Од нив многу научив. Игравме во две добри екипи и двапати станавме прваци на државните првенства во млади категории. Со два различни клуба. Третата година преминавме во КК Вардар. Преминавме затоа што КК Вардар е клуб, најголем македонски спортски бренд и во него можевме најдобро да напредуваме. Има сала во која што е задоволство да тренираш и да играш утакмици, има комплетна инфраструктура и најдобри тренери за сите категории, вклучувајќи го и првиот тим. Се формираше одлична екипа, од талентирани деца и таа година уште еднаш станавме шампиони на Македонија.

  1. Дали својата кошаркарска иднина ја гледаш во КК Вардар?

Каква кошаркарска иднина ми претстои, во овој момент јас не можам да оценам. Тоа не зависи само од моите желби. Тоа ќе зависи од повеќе фактори, од моите обврски кон школото, од можностите редовно да тренирам, од мојот кошаркарски напредок итн. Но едно е сигурно, јас мојата кошаркарска кариера во Македонија ќе ја завршам во КК Вардар.

  1. Што најмногу, а што најмалку ти се допаѓа да работиш на еден вообичаен тренинг?

Од почеток јас многу ги сакав тренинзите. Се трудев да го искористам секој тренинг максимално, за да ги стигнам моите соиграчи. И денес, подеднакво го сакам кондициониот тренинг, тактичкиот  и техничкиот дел. Најмалку сакам кога доаѓа крајот на тренингот, зошто секогаш имам чувство дека ми требало уште време за да можам да подобрам некои работи.

  1. Дали имаш омилен тренер во “црвено – црното” семејство?

Веќе реков, дека една од причините на моето доаѓање во КК Вардар, беше и квалитетот на тренерите во клубот. Имав среќа да работам со извонредни тренери, Младен Јегдиќ, повремено со Ѓорѓи Кочов, Крстиќ, Радуловиќ и континуирано со Александар Јованчев. Се разбира дека тие се моите омилени тренери.

  1. Што очекуваш до крајот на оваа сезона, каков ќе биде пласманот на твојата селекција?

Во есенскиот дел на сезоната игравме слабо и разочаравме. Сега играме многу подобро и го подобривме пласманот, што секако ни дава можност да се бориме за влез во полуфиналето на првенството М18. Имаме најмлада екипа во оваа конкуренција, со 2/3 играчи родени 2001, останатите сме 2002 и 2003. И покрај тоа, лично мислам, дека ако продолжиме посветено да работиме и добро да играме, да отклониме одредени слабости, во мај ќе играме финале.