Јованчев горд на успехот со репрезентацијата до 16 години
Кошаркарите до 16 години , на чело со селекторот Јованчев по 12 години донесоа успех за македонската кошарка и одведоа една наша младинска селекција во А-дивизијата.
Во мечот за третото место нашите кошаркари славеа убедливо против Чешка (84-66), со што го освоија бронзениот медал на Европското првенство (Б-дивизија) во БиХ и воедно дојдоа до промоција во А-дивизијата.
Дел од стручниот штаб го сочинуваат “Вардарци”, а сите напорно работеа со оваа репрезентација за да денес со солзи се радуваат на овој преголем успех.
Селекторот Александар Јованчев – Ова е неверојатно, ова е тоа за што работевме две ипол години. Им честитам најпрво на играчите и на стручниот штаб , му благодарам на координаторот и на Македонската Кошаркарска Федерација што веруваа во мене и ме поставија на чело на овој проект. Благодарам на сите кои не поддржуваа и бодреа во текот на целото првенство. РАДУВАЈ СЕ МАКЕДОНИЈО!
Директорот на КК Вардар, воедно координатор на младинските репрезентации и ментор на У16 , Бранко Андриевски – Неверојатно е чувството, две ипол години работевме и се подготвувавме за овој момент. Можеби звучеше невозможно, но ете се случи во Сараево да влеземе во А Дивизија. Честитки до сите играчи, вистински изгинаа, одиграа над своите можности, но тоа беше еден неверојатен спој на карактери полни со дисциплина и послушност што беше пресудно да функционираат како едно и да стигнат до овој успех. Ние како стручен штаб со макотрпна работа цели 30 месеци, многу енергија и време вложени во овој проект сме горди што оставаме ваков печат во македонската кошарка. За ова се игра кошарка, за ова се радува!