Среда со Симона Деловска
Денешната рубрика е со капитенот на сениорките, Симона Деловска.
Што те инспирираше да почнеш да се занимаваш со спорт, конкретно со кошарка?
– Искрено, немаше некоја конкретна инспирација – поголема група на девојчиња со кои се дружев почнаа да тренираат во маалскиот кошаркарски клуб па така и јас влегов во светот на кошарката.
Зошто токму КК Вардар и колку време си дел од ова црвено-црно семејство ?
– Јас сум во Вардар од пред 3 години, кога и всушност се создаде женскиот тим на овој клуб. А зошто Вардар…. мислам и немора многу причини да се наведуваат – ова е клуб со долгогодишна традиција, победнички дух, убава енергија и услови за работа. Така да играњето во Вардар е вистинско задоволство.
Бидејќи женската кошарка на луѓето во Македонија им е помалку позната, еве опиши ни како изгледа еден вообичаен тренинг на ЖКК Вардар ?
– Секој тренинг е прилично различен, во зависност од денот во неделата. Понеделник е секогаш работа со кондициониот тренер, вторник, среда и четврток е комбинација од кондиција и тактика а петоците најчесто се обрнува внимание на шутот. Во принцип секој тренинг вклучува загревање, истегнување и потоа следува се она што го има замислено тренерот за тој ден.
Ти си капитен на ЖКК Вардар, какви одговорности носи оваа “титула”?
– Капитенот е, на некој начин конекција меѓу тренерот и екипата. Така да, би рекла дека главна задача е да се погрижам мислењето на секој од играчите да биде слушнато и пренесено. Но се разбира и одржување на позитивниот однос и енергија внатре во тимот е многу важна па и тоа може да се каже дека е дел од одговорноста.
Кога би можела да одбереш омилен момент во дресот на ЖКК Вардар, кој би бил тој и зошто?
– Подигањето на пехарот на Купот на Македонија 2018….можеби зошто многу луѓе не очекуваа да успееме но со играта што ја прикажавме, го освоивме купот, втора година по ред.
Што очекуваш до крајот на тековната сезона?
– Очекувам да продолжиме да тренираме, да дадеме се од себе, да се спремиме што можеме повеќе (и психички и физички) и нормално, се надевам дека работата и трудот ќе ни донесат успех, како на Купот така и во лигата.