КК Вардар ги црпи талентите од својата младинска школа. Таа е без сомнение најквалитетна во Македонија, и овој спој совршено функционира веќе цели десет години.
Откако клубот го доби својот кошаркарски дом, малата сала во СРЦ „Кале“ и ја заокружи како кошаркарско катче со одлични услови за работа, беше формирана и младинската школа. Во 2007 година, кога на чело на сениорскиот тим беше Тихо Матевски, а негов помошник Панче Милевски, се роди идејата за ангажман на Бране Андриевски, тогашен млад стратег, кој работеше во КК Центар. Се роди младинската школа Вардар – Центар, која подоцна и комплетно беше приклучена под закрилата на кошаркарскиот клуб Вардар. Таа и денес, една деценија подоцна функционира беспрекорно, со повеќе од 300 млади кошаркари кои тренираат и ги учат тајните на овој спорт „под Кале“.
„Со моето преоѓање во КК Вардар беше оформена младинската школа, и веднаш пристапивме и кон ангажман на млади и талентирани кошаркари. Ги доведовме Ивица Димчевски, Марко Симоновски и Бојан Крстевски, кои денес се и репрезентативци на Македонија, истакнати домашни кошаркарски имиња. Имав несомнено голема помош и од Панче Милевски, кој подоцна се приклучи во работата на сениорскиот погон. Во тој период во нашиот клуб тренираа и Стојан Ѓуроски, Лазе Петров, Горјан Кираџиски, Диковски…“, раскажува Бране Андриевски за воспоставувањето на базата на младинската кошаркарска школа на клубот.
Во КК Вардар се оформиле неколку генерации кошаркари – У20, У18, У16 и У14, со кои се работи напорно, а сето тоа носи и успешни резултати, шампионски титули во младинска конкуренција.
„Во првата година, се случи несекојдневен феномен. Двете селекции на КК Вардар од генерацијата играа во финалето на Купот на Македонија. Вардар 1 и Вардар 2 играа финале, а беа толку квалитетни и израмнети и двете селекции од нашиот клуб, што победникот беше одлучен со разлика од само еден поен, во самото финале. Тоа е феномен кој досега се нема повторено и е единствен во македонската кошарка“, вели Андриевски.
Квалитетна беше и генерацијата на кошаркари до 18 години, во таа 2007 година. Во неа беа имиња како Бобан Стајиќ, Предраг Пајиќ, Игор Ивановиќ, Дејан Лазаревски, Јасмин Биберовиќ, Имами Кораб…Ги предводеше Дарко Крстиќ, кој исто така е еден од основоположниците на квалитетната младинска школа на КК Вардар. Секако, треба да се спомене и Борче Даскаловски.
Покрај талентирани млади кошаркари, со гордост може да се истакне дека младинската школа произведе и лансира во орбитата и квалитетни млади кошаркарски тренери. Сегашниот тренер на сениорскиот тим на КК Вардар, Ѓорѓи Кочов, исто така е производ на нашата кошаркарска школа. Неговата генерација У20 две сезони беше шампион на Македонија, по што Кочов, заедно со поголем дел од кошаркарите се искачи скалило погоре и сега ги предводи во сениорскиот состав на клубот.
Околу 300 кошаркари и дваесеттина млади тренери се усовршуваат во школата на клубот
Во моментов повеќе од 300 млади кошаркари се дел од базата на КК Вардар.